Собранието на чекор до разрешување на членови на Судски совет
Петмина членови на Судски совет се соочени со разрешување. Откако Собранието не го усвои извештајот за работа на советот, спикерот Гаши вели дека е отворена можноста за разрешување на членови бирани од пратениците.
„Негативниот извештај за Судскиот совет, тоа значи дека Собранието ги отповикува на некој начин и тоа значи дека може да отпочне процедурата за нивно разрешување и назначување на нови. Процедурата е предвиена во Деловникот, во комисијата за избори и именувања. Како биле назначени, така ќе бидат и разрешени“, изјави Африм Гаши, Претседател на Собрание.
Со пратенички глас во постојниот состав на Судски совет, избрани се Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Тања Чачарова, Селим Адеми и Миљазим Мустафа.
Инаку, Законот за судски совет предвидел, доколку Собранието не го усвои извештајот, тоа ќе биде основ за поведување на расправа пред органите што ги избрале членовите на Судскиот совет за оценка на нивната работа во советот.
Тоа се однесува на членовите кои како истакнати правници биле номинирани за составот на Судски совет. Кога Собранието ќе се разговара за негативниот извештај, засега не е утврдено.
„Тоа ќе зависи од комисијата за избори и именувања. Мислам дека ќе биде на дневен ред штом има услови за постапување по однос на тоа прашање“, вели Гаши.
Гаши појасни дека за можното разрешување ќе се консултираат со Уставниот суд, за како што вели да не згрешат правнички.
Засега Судски совет не објавил свој став за негативниот извештај и најавите за разрешување. Телото подолго време е без претседател откако Дамева поднесе оставка. Во меѓувреме, советот доби нови двајца членови од редот на судиите.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар