Македонија
28. October 2025 - 21:21

Директорот на Комунална си поднесе оставка, тој и реководителот за отпад добија 30 дневен притвор

30 дена притвор добија и директорот на комунална хигиена Сабахадин Рустеми и раководитлот на секторот за отпад Аким Саити. Судија на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството дека можат да влијаат на сведоци или да го повторат делото, односно загрозување на животната средина со отпад за кое и се сомничат.

Директорот Рустеми си поднесе оставка од морални причини, за да не влијаел врз истрагата. Оставката не ја дава зошто се чувствува одговорен за ситуацијата со сметот во Скопје, туку да не влијае врз истрагата.

Адвокатот на Рустеми вели дека имаат голем број на докази со кои ќе докажат дека сега веќе поранешниот директор преземал дејствија за обезбедување потребна механизација, барање поголеми ресурси како и вработување, не му било одобрувано од управниот одбор.

Со рекација се јави и се уште актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска.

-Во режијата на МВРО на Мицкоски за приведување на директорот на Комунална хигиена, заборавиле на ДИКТАТОРОТ да му кажат дека сега нема кој да потпишува во претпријатието, за да може и со тие неколку камиони што не успеале да ги саботираат да се собира отпадот, напиша Арсовска на Фејсбук.

Директорот Рустеми беше поставен на функција од градоначалничката Арсовска на почетокот на годинава.

Обвинителството го товари и него и Саити за загрозување на животната средина со отпад, а зависно по кој член се товарат казната затвор доколку се утврди дека се виновни е од една до десет години затвор.

Според Обвинителството заедно постапиле спротивно на законот за управување со отпад со што овозможиле во теков на месецот да се создадат мали депонии на јавни и сообраќајни површини, со што предизвикале оштетување на квалитетот на воздухот, почвата и водата како и здравјето на луѓето.