Димитров во Солун на средба со колегите од Грција, Бугарија и Албанија
Безбедносната соработка, прекуграничната соработка, енергетското поврзување, се дел од темите на кои ќе се осврнат министрите за надворешни работи на Македонија, Грција, Албанија и Бугарија, Никола Димитров, Никос Коѕијас, Дитмир Бушати и Екатерина Захариева, на квадрилатералната средба денеска во Солун.
Средбата се одржува на иницијатива на грчкиот министер за надворешни работи Коѕијас.
Ова е втора средба во ваков формат, во рамки на напорите на грчката дипломатија за зајакнување на регионалната стабилност и трансграничната соработка меѓу соседните земји од јужниот дел на Балканот. Настанот ќе биде со поширок дневен ред и претставува продолжение на неодамнешните контакти на Коѕијас со неговите колеги од овие три земји за време на Генералното собрание на ОН од 18 до 22 септември во Њујорк.
Целта на дипломатската средба е да биде потврдена институционалната соработка меѓу четирите земји, кои треба да решаваат безбедносни прашања и да се борат против екстремизмот, тероризмот и радикализација. Истовремено, овие земји беа соочени и со голема бегалска и мигрантска криза, чии последици се уште ги чувствуваат.
Поради тоа, министрите ќе ги разгледаат можностите за подготвување заедничка позиција при решавање на тие прашања врз основа на европските вредности и добрососедските односи.
Во делегациите се вклучени и министрите за внатрешни работи и за енергетика, односно економија на четирите земји.
Димитров претходно оваа недела изјави дека не очекува оти земјите од регионот, поточно Албанија и Бугарија, ќе бидат посредници во решавањето на спорот за името со Грција. Тој посочи дека спорот е билатрално прашање и оти ќе се решава меѓу двете земји со посредство на Обединетите нации, односно нивниот медијатор Метју Нимиц.
Тој истакна дека очекува на маргините на квадрилатералната средба да има и билатералка со Коѕијас.
Согласно програмата министрите вчера имаа работна вечера.
Работниот дел од средбата се одржува денеска, а состанокот ќе го отвори министерот за надворешни работи на Грција, Коѕијас. Следуваат поединечни состаноци на министрите за внатрешни работи, министрите за енергетика, а од кај нас министерот за економија, а потоа и на министрите за надворешни работи.
Ново на Сител
-
Прес-конференција на Коцевски
-
Филипче: Со ново задолжување од 6 милијарди евра јавниот долг ќе надмине 115% од БДП
-
Предлогот Трајко Славески да биде гувернер е во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи
-
СДСМ: Предлогот Трајко Славески да биде Гувернер значи погребување на последната независна институција
-
Каја Калас утре во Скопје, Мицкоски ќе ја пречека со веќе познатите ставови за уставни измени
-
Повеќе од 2000 претставки минатата година пристигнале на адреса на Народниот правобранител
-
Преглед на вестите од светот
-
Трајко Славески предлог на претседателката Сиљановска Давкова за нов гувернер на НБРМ