Македонија
22. May 2025 - 12:43

Каја Калас утре во Скопје, Мицкоски ќе ја пречека со веќе познатите ставови за уставни измени

Високата претставничка на ЕУза надворешна и безбедносна политика во петок доаѓа во Скопје. Каја Калас ќе се сретне и ќе одржи заедничка прес конференција со премиерот Мицкоски, но ќе има и набиена агенда.

Со министерот Муцунски ќе го отворат првиот дијалог за безбедност и одбрана меѓу ЕУ и Македонија, што следи по склучувањето на билатералниот договор за безбедносното и одбранбеното партнерство во ноември минатата година.

Калас во придружба на министерот за одбрана Владо Мисајловски да ја посети и постојаната балканската медицинска работна група.

Во рамки на посетата на Скопје, како што најави европската служба за надворешни работи, Калас ќе има средби и со претставници на младински и студентски организации од земјава.

Македонија е прв пат на агендата на западнобалканска турнеја на Калас, која минатиот месец ги посети Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина. Покрај во Македонија, шефицата на европската дипломатија до петок ќе ги посети и Србија и Косово.

Целта на сите овие посети според најавите, е да се покаже посветеноста на ЕУ на западниот Балкан и поддршката на перспективите на земјите од регионот за членство во Унијата.

Премиерот Мицкоски пак вели дека и Калас ќе ја пречека со веќе познатиот став на Владата, дека Уставот нема да се менува без гаранции дека тоа ќе биде последно барање на Софија.