Македонија
21. May 2025 - 16:40

Четворица уапсени од Беланоца - Убивале луѓе по нарачка

Полицијата уапси четворица членови на криминалната банда Беланоца- осомничени дека убивале луѓе по нарачка од организаторите на кланот на територија на Македонија и Грција. Според доказите кои ги обезбедило Обвинителството за гонење организиран криминал, тие се поврзани со убиството на водичот на ривалската криминална банда- Орхан Бајрами Оки во Халкидики, но и дека го убиле пејачот Амар Исмани, минатата година на Пласточарска, а раниле уште две лица.

Тројца од осомничените во текот на месец јули 2023 година, на македонска и грчка територија, поттикнати и по порачка од претходно осомничен – организатор на групата, преземале дејствија на извидување на локација на оштетен и обезбедување средства за вршење на кривичното дело, при што во Грција бил лишен од живот припадник на спротивставената организирана криминална група Грчец. Во месец мај 2024 година, пред објект на т.н. пластичарска улица двајца осомничени извршиле убиство на едно лице, а при заминување од местото пукале во возило што било паркирано во непосредна близина при што повредиле други лица од кои едно лице починало.

Уапсените членови на бандата обезбедувале услови и отстранувале пречки за извршување на нарачките за убиства. Убиствата ги вршеле од одмазда или по порачка, а казната затвор за овие дела е од 10 години до доживотен затвор. 

За четворицата приведени постои основано сомнение дека сториле кривично дело „злосторничко здружување“ и кривично дело „убиство“, а еден од осомничените сторил и кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.

Кај еден од осомничените е пронајдена голема количина марихуиана. ОЈОГОКК бара за тројца притвор, а за еден мерки на претпазливост. Криминалната група Беланоца е една од главните криминални кланови во скопското подземје. 

Во декември минатата година Обвинителството почна истрага против 18 припадници на Беланоца, кои се сомничат дека извршиле најмалку осум убиства, рекет, опожарувале спортски обложувалници, а докази беа обезбедени дека оваа банда е поврзана и со неколкукратното убиство во Шиша бар. За убиство наплаќале и до 250.000 евра. 

Акцијата на полицијата беше пробиена, а еден член на бандата успеа да избега при апсењата. Центар на претресите беше Арачиново, каде специјалците со багери откопуваа експлозиви, гранати, ТНТ, автоматско оружје што членовите на Беланоца ги криеле под земја. Дел од нарко кланот, како и шефот на групата Фатљум Ајети-Тоте се во затвор, додека шест од нив беа во бегство, а за двајца беше распишана меѓународна потерица.