Димитров: Одлуката за протерување ја донесовме по внимателно размислување и анализа
Одлуката за протерување на рускиот дипломат од Македонија ја донесовме по внимателно размислување и анализа. Одлуката се заснова на два елемента, едниот е меѓународен, односно нападот што се случи со хемиско оружје во Велика Британија и солидарноста што ја побараа нашите сојузници и синхронизираната акција на која вчера бевме сведоци, изјави денеска шефот на македонската дипломатија Никола Димитров на прес-конференцијата со својата австриска колешка Карин Кнајсл.
Според него, има и домашна основа за чекорот на Министерството за надворешни работи. Како што кажа Димитров, се работи за лице што со своите делувања излегло вон својот дипломатски мандат и одредбите на Виенската конвенција за дипломатски односи.
- Ова беше реакција што е во функција на заштита на државниот интерес, на интегритетот на институциите, и на безбедноста на државата. Сакаме да имаме пријателски односи со сите држави, кои подразбираат искреност, и разбирање за стратешките и клучните интереси на двете страни, додаде Димитров.
Рече дека се работи за обид за добивање класифицирани информации важни за безбедноста на Македонија.
- Ќе има многу интерес околу идентитетот на дипломатот. Ние сме должни сме да го заштитиме и од почит на неговата држава Руската Федерација и заради личната безбедност на лицето, тоа ќе биде многу штетно ако се шпекулира. Нашите сознанија се поткрепени, евидентирани и немаме дилеми дека имало такви обиди, рече Димитров.
Оцени дека меѓу пријателите има и недоразбирања, а кога тие ќе се надминат пријателството ќе биде посилно.
Австриската министерка Кнајсл од своја страна истакна дека Австрија се изјаснила како држава солидарна со Велика Британија, во однос на поддршката за хемискиот напад, но кога станува збор за протерување дипломати тоа е билатерално прашање за проценка.
- Во тешки времиња особено е важно да ги оставиме отворени каналите за комуникација. Австрија има политика на неутралност, и секогаш ја имавме улогата на некој што гради мостови. Тоа е традицијата на австриската дипломатија, додаде Кнајсл на прашањето дека Австрија нема протерано руски дипломат.
Македонското Министерството за надворешни работи синоќа соопшти дека протерува еден дипломат на Руската Федерација, поради случајот Скрипал. Одлуката на македонското МНР е донесена по консултации со сојузници и партнери од ЕУ и НАТО.
Руската амбасада синоќа на Твитер објави дека македонската страна ќе ги носи последиците од протерувањето на рускиот дипломат.
Ново на Сител
-
Чеферин му го честита изборот на Омерагиќ за претседател на ФФМ
-
Сообраќајот во зимски услови, забрани за тешки возила на Стража, Пресека, Ѓавато и Буково
-
Експлозија пред куќа во Прилеп, нема повредени
-
Градот Скопје и Сојузот на спортови на Скопје го награди Кикбоксот со пет награди на локално ниво
-
За 3.000 евра плата се приклучил на руската војска во Украина, уапсен 37 годишен скопјанец
-
Потврдена безбедноста на водата за пиење во Скопје
-
Обвинение за убиство на вонбрачна партнерка од страна на 33-годишник
-
Во прекин сообраќајот на патот Ресен - Охрид, кај превојот Буково поради сообраќајна незгода