ДИК: Стево Пендаровски е избран за нов претседател

Стево Пендаровски ќе биде новиот претседател на Република Северна Македонија, покажуваат првичните неофицијални резултати од денешниот втор круг на претседателските избори што вечерва ги соопшти претседателот на Државната изборна комисија Оливер Дерковски.
Според податоците на ДИК од обработени над 98 отсто од гласовите, или 3.436 избирачки места, Пендаровски освоил 423.292 гласа или 51,83 отсто, а неговата противкандидатка Гордана Силјановска Давкова 363.980 гласови или 44,57 отсто. Од вкупниот број запишани граѓани во Избирачкиот список, Пендаровски освоил 23,41 отсто, а Силјановска Давкова 20,13 отсто.
-Му честитам на Стево Пендаровски на изборот и се надевам дека функцијата ќе ја извршува успешно, рече Дерковски на вечерашната прес-конференција.
Дерковски информира дека вкупно на гласање излегле 46,44 отсто од граѓаните или 816.649 од вкупно запишаните 1.808.131 во Избирачкиот список. Важечки гласачки ливчиња биле 787.272, а неважечки 29.377 или 3,60 отсто.
Тој рече дека од аспект на ДИК денешните избори поминале во фер и коректна атмосфера. До ДИК, рече, во текот на денот не пристигнале никакви забелешки за нерегуларности на избирачките места и тоа, според него, е чекор напред во демократизација на општеството.
Тој им честиташе на граѓаните кои достоинство излегле и го дале својот глас за еден од двајцата кандидати, а изрази надеж дека на наредните избори тоа ќе го направат и оние кои денеска останале дома.
Дерковски најави дека утре на прес конференција ќе ги соопштат резултатите од сите избирачки места и оттогаш ќе важат роковите за приговори и жалби.
Ново на Сител
-

Минимално поевтинува преносот и дистрибуцијата на струја, се чека ЕВН да ја соопшти официјалната цена
-

Светски ден на волонтерството – Пратениците на еден ден беа волонтери на Црвениот крст
-

48 американски волонтери од Mировниот корпус ќе бидат ангажирани во македонските училишта
-

Преглед на вестите од светот
-

Регулаторната комисија ги намали цените за пренос и дистрибуција на електрична енергија за 2 до 3%
-

Филипче: СДСМ спреми нови бомби, ја повикуваме Ковеши да ја посети Македонија за да ги види злоупотребите
-

Охрид доби културно-туристички водич
-

Преглед на вестите од светот
