Евтината струја преку ден останува како досега од 13 до 15 часот, ако се продолжи ќе се скрати ноќната
Засега ќе нема еден час плус евтина струја преку ден. Регулаторната комисија ја завршила анализата. Според нивните пресметки, доколку се зголеми времетраењето на дневната евтина тарифа, која сега е од 13 до 15 часот, тогаш ноќната ќе треба да се скрати, па наместо од 22 часот, ќе почнува од полноќ. Затоа тарифите остануваат по старо.
„Доколку се воведува евтина тарифа во текот на денот кога се и најниски цените на пазарот, да, може да се воведе, но исто така, по 22 часот имаме екстремно високи цени. Доколку нешто се воведе во текот на денот тогаш евтината тарифа не би започнувала од 22 часот, туку од 00. Станува збор веќе за навики кај домаќинствата, така што ќе видиме во наредниот период што ќе преземеме по ова прашање“ – Марко Бислимовски, претседател на РКЕ
Бислимовски денеска кажа дека од Нова година цената за пренос на електрична енергија се намалува за 2,67%, на операторот за 3,4%, а за дистрибуција се намалува за 3,64%. Влијанието врз крајната цена што ќе ја плаќаат домаќинствата е околу 1%.
„Овие одлуки обезбедуваат компаниите да си ги покријат своите трошоци, да ги реализираат одобрените инвестиции, исто така, и да си ги покријат трошоците за набавка на загуби на електрична енергија во соодветната мрежа“ – Марко Бислимовски, претседател на РКЕ
Сега ЕВН ќе треба да направи пресметка за крајната цена и да ја достави на проверка во Регулаторна. Минатата недела државната ЕСМ му понуди на ЕВН Хоум за околу 5% поскапа струја. Наместо сегашните 62 евра, произведената електрична енергија ќе ја продаваат по 65 евра за мегават час. Од оваа цена најмногу зависи колкави ќе ни бидат сметките од први јануари. Новата цена ќе важи во текот на целата 2026-та.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
