Македонија
29. October 2017 - 18:16

ДИК: Излезноста до 17 часот 43,83 отсто

Според 99,21 отсто од обработените податоци, излезноста на денешниот втор круг од локалните избори до 17 часот на ниво на Македонија е 43,83 отсто, соопшти попладнево портпаролот на ДИК Љупка Гугучевска.

Вториот круг од локалните избори се спроведуваат во 35 општини на 1.517 избирачки места.

Гугучевска на прес-конференција рече дека гласањето за избор на градоначалници тече непрекинато освен на две избирачки места, во општините Бутел и Шуто Оризари каде што имало прекини поради технички дефект на УВ ламбите, но не подолги од половина час, поради што и таму гласањето ќе заврши во 19 часот.

- Сите избирачки места беа отворени навреме и гласањето тече без проблем, истакна Гугучевска.

Одговарајќи на новинарски прашања во врска со прекин на гласањето во неколку избирачки места во Тетово и во Студеничани, Гугуческа информираше дека имале информации од Општинската изборна комисија во Тетово дека немало струја во пет избирчаки места оти проблемот бил саниран и гласањето продолжило. 

Информациите за наводни поткупи, Гугуческа рече дека не се во надлежност на ДИК, туку на МВР кое постапува по вакви дела  кои подлежат на прекршочна или кривична одговорност по службена должност.

- Во однос на ДИК ние немаме вакви официјални дојави во овој момент, рече  Гугучевска.

До ДИК се доставени четири приговори од граѓани кои не биле запишани во Избирачкиот список, но Комисијата ги одбила зашто граѓаните извадиле лични документи по завршувањето на јавниот увид.

На бесплатната телефонска линија на ДИК се јавиле повеќе граѓани кои инфомриале за наводно агитирање околу некои избирачки места, но, како што кажа Гугучевска, општинските изборни комисии излегувале на терен и констатирале дека не постои таков вид агитирање.

Следната прес-конференција на ДИК како што информираат од таму ќе биде во 20 часот кога ќе бидат соопштени првичните резултати од гласањето во вториот круг од локалните избори добиени по електорнски пат.

Според ДИК, највисока излезност на гласачи има во Демир Капија 76,59 отсто, а најмала во Шуто Оризари 31,76 отсто

Излезноста во Боговиње е 38 проценти, Брвеница 39,55 проценти, Бутел, 44 проценти, Виница 51,4 проценти, Врапчиште 38.76 проценти, Гази Баба 43,3 проценти, Гостивар, 37,72 проценти, Градско 62,25 проценти, Дебар 37,33 проценти, Демир Капија 76,59 процент, Долнени 49.33 проценти, Желино 39,98 проценти, Зрновци 54,68 проценти, Јегуновце 34,23 проценти, Кавадарци 65,94 проценти, Карбинци 62,66 проценти, Кисела Вода 47,08 проценти, Липково 36,75 проценти, Македонска Каменица 66,48 проценти, Македонски Брод 65,23 проценти, Могила 49,3 проценти, Новаци 63,3 проценти, Пробиштип 63,9 проценти, Росоман 66,36 проценти, Сарај 45,56 проценти,  Струга 40,7 проценти, Студеничани 39,91 проценти, Теарце 34,53 проценти, Тетово 37,17 проценти, Чаир 42,17 проценти, Чашка 43,36 проценти, Чешиново-Облешево 58,21 проценти, Штип 57,66 проценти и Шуто Оризари 31,76 проценти.