Денеска нема исписи на пациенти повредени во пожарот во Кочани – 105 во болниците во земјата и странство
Две недели по трагедијата во Кочани, пациенти кои беа повредени во пожарот се уште се на болничко лекување во земјата и странство. Денеска нема исписи и во клиниките и болниците во Скопје има 16 хоспитализирани и 89 во странски медицински центри.
Во хируршката клиника Свети Наум Охридски се уште под лекарски надзор се 6-те пациенти кај кои беше направена трансплантација на кожа.
-Кај 6-те пациенти кои се хоспитализирани кај нас состојбата е стабилна, сите се префрлени на одделот за пластична и реконструктивна хирургија. Кај сите 6 е направена трансплантација на кожа и сега е оној период на преврски после трансплантација. Во комуникација со колегите од одделот за пластична, се очекува еден или двајца од нив наредната недела да бидат пуштени на домашно лекување, но ќе видиме, вели д-р Небојша Настов, директор на Клиника за хируршки болести Свети Наум Охридски.
Пациентите од странските медицински центри по враќање во земјата остануваат 24 часа на скопските клиники каде им прават токсиколошки анализи пред да бидат пуштени на домашно лекување.
-Во текот на вчерашниот ден кај двајца пациенти од Солун има одредено подобрување и се екстубирани, од интензивна нега се преместени на оддел за пластична хирургија.
Кај останатите пациенти состојбата е непроменета од вчера, пишува во денешното соопштение од Министерството за здравство.
За пациентите кои се на домашно лекување, тимови на лекари ќе одат во Кочани за преврски и останати потреби. Освен пластични хирурзи, како што најавија од министерството за здравство ќе има и психијатри, психолози и специјалисти од различни области.
За Центар за изгореници се уште не е дефинирано каде ќе биде ...Во ГОБ 8-ми семтепмври има простор но нема кадар, а во Свети Наум Охридски, има кадар но нема доволен простор.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар