Македонија
25. December 2015 - 13:11

Дедомразовска трка в недела во Скопје

Во центарот на Скопје в недела ќе се одржи дедомразовска трка, како дел од празничната новогодишна програма на градот. Стартот на трката е закажан за 12 часот, а подигнувањето на стартните пакети од 9 до 11 часот. 

Патеката по која ќе се трча почнува од плоштадот „Македонија“ кон портата „Македонија“, па во правец на Градската болница, новата зграда на МНР по мостот кај „Холидеј Ин“, покрај кејот на Вардар кон Археолошкиот музеј, плоштадот „Филип Втори“, Камениот мост, до целта на плоштадот „Македонија“.

Трката покрај натпреварувачкиот, има и забавен карактер па во неа се добродојдени да се пријават учесници од сите старосни групи. Должината на патеката е само 1,5 километри и можат да ја истрчаат и деца во придружба на родители. Пријавувањето се одвива преку веб страницата www.prvdovrv.mk.

Учеството во трката чини 199 денари, а секој натпреварувач добива стартен број и новогодишна капа. За првите 250 пријавени следува целосен дедомразовски костум, составен од палто, панталони, капа, ремен и брада. Учесниците кои немаат дедомразовски костум, треба да носат новогодишна капа и да бидат облечени во облека во црвена боја.

За победниците се предвидени награди, а на најсреќните учесници ќе им се исполнат новогодишните желби без оглед на резултатот и освоеното место. Пред и по трката се предвидени музичка програма и церемонија на прогласување на победниците.

Трката ја организира Град Скопје преку Конгресниот центар „Александар Македонски“ и Здружението „Прв до врв“, а нејзин главен поддржувач е Coca-Cola.

Ова ќе биде второ издание на трката во која учесниците се облечени во дедомразовски костуми, по ланската премиера.