Македонија
25. April 2024 - 19:54

Светските медиуми известуваа за изборите во Македонија

Регионалните и светските медиуми со голем интерес го следеа првиот круг на претседателските избори во Македонија.

Фокс њуз, пренесувајќи ги изборните резултати, пишува дека во Македонија се големи надежите дека претседателот ќе го надгледува долгоочекуваниот влез во ЕУ. Малата балканска земја орбитира околу 27-члениот блок речиси две децении, без големи резултати, се наведува во извештајот.

За Франс24, пак, Пендаровски и Силјановска се стари ривали. Во текстот, меѓудругото, пишувa дека изборите се случуваат во време на двегодишен ќор-сокак меѓу владата и опозицијата околу тоа како државата да се справи со соседна Бугарија која го блокира нејзиниот пат кон членството во ЕУ.

Бугарските сајтови велат дека Силјановска не го криела изненадувањето, а Пендаровски не го криел разочарувањето. Дел од порталите и преку видеа ја пренесоа прославата пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ.

Вчерашните избори беа тема и на анализа во српските медиуми. Дел од сајтовите велат дека според познавачите, постои можност Пендаровски да ја победи Силјановска во вториот круг со поддршка на албанските партии.

Голем дел од српските медиуми посветија и цели текстови само за биографијата на професорката Гордана Силјановска Давкова.

Изборните резултати беа пренесени во грчките медиуми, кои одвоија место и за изјавите на политичките лидери.

Во фокусот на албанските медиуми, очекувано, се најдоа двајцата кандидати Албанци, Османи и Таравари.

Странски новинарски екипи ги следеа изборите и одблизу во Македонија, а беа присутни и на пресовите на Државната изборна комисија каде редовно постaвуваа прашања.