Дебата за иднината на Националната галерија на Македонија
Првата Уметничка галерија - подоцна преименувана во Национална галерија на Македонија (НГМ), која ја поседува најстарата збирка на уметнички дела, нема доволно простор за нивно чување затоа што се мали депоата во нејзините два галериски објекта во чаршијата - Даут-пашин амам и Чифте амам.
Неколку кустоси, уметници и историчари на уметноста денеска на дебатата „Институција за можните иднини“ решение на овој проблем гледаат во третиот галериски простор на НГМ - Мала станица кој, според нив, во иднина може да биде во целост место за депо на НГМ.
Мирјана Талевска, историчарка на уметност во пензија, рече дека во изминатите години депоата се реновирани неколку пати и дека и покрај обидите да направат реорганизации на делата, останал проблемот со тесноста на просторот.
Во однос на поставката, рече дека едно дело што влегува во НГМ треба да има барем десет години временска дистанца.
-Така е во светот. Во национална галерија не може да се стави некое најново дело, рече Талевска, која од 1983 година работела како кустос-советник во Одделот за збирки и документација во Галеријата.
Посочи и дека не е во ред практиката да се позајмуваат уметнички дела во државните институции, како Владата и министерствата, особено не стари, од прва категорија, и на основополжници на македонската уметност. Смета дека тие треба да си направат своја колекција, по примерот на Собранието на Република Македонија.
Со тоа се согласи и Маја Чанкуловска-Михајловска, кураторка во НГМ, која истакна дека од пред една година ја почнале постапката за вонредна ревизија на тие дела и дека голем дел од институциите одговориле позитивно.
- Речиси една година траеше таа вонредна ревизија која се случува кога доаѓа нов директор или кога некој заминува во пензија. Влеговме секаде. По толку години молби, не пуштија да влеземе и во Влада да си ги провериме делата. Утешителен момент е што делата се, генерално, во добра состојба. Меѓутоа, парадоксот наш е што законски ние треба да ги земаме, но повторно доаѓаме до моментот - каде да ги чуваме тие дела, кога и овие што ги имаме се наоѓаат во депоа со минимални услови, истакна Чанкуловска-Михајловска.
На дебатата учесниците разговараа и како во иднина да се промени начинот на презентација на културното наследство што го има Галеријата.
Ана Франговска смета дека треба да се работи на социјална инклузија и отвореност на НГМ кон јавноста. Таа да не биде елитистичка туку институција за секого, а притоа и претставувањето на делата да биде низ интердисциплинарен пристап.
„Институција за можните иднини“ беше втора од двете дебати во пресрет на 70 години од основањето на НГМ кои ќе бидат одбележани во 2018-та. Дискусиите се курирани од Ивана Васева, надворешен соработник на Националаната галерија на Македонија. Првата дебата која се одржа минатиот вторник беше наменета за видувањата на сегашниот и поранешните директори на оваа национална установа.
Ново на Сител
-
Приведени кавадарчани, кај нив пронајдени детектори за метал и сомнителни предмети
-
Приведен кумановец кој ограбил неколку возила
-
Арсовска: Долгот на централните власти кон ЈСП следната година ќе достигне десет милиони евра
-
Сѐ уште не се применува новиот Закон за употребата на македонскиот јазик
-
По 10 ин витра и 10 спонтани абортуси, 61 годишна мајка на свет го донесе Петар, тежок 2350 гр.
-
Арсовска нема да се кандидира за нов мандат на претстојните локални избори
-
Борисов ја повлече кандидатурата за премиер на Бугарија: Не сакам веќе да се занимавам со оваа уништена држава
-
До петок стабилно, потоа облачно со повремени врнежи од дожд