Свет
10. October 2016 - 23:46

Дамаск им нуди безбедно повлекување на бунтовниците од Алепо

Сириската Влада денеска соопшти дека ќе им гаранира безбедно повлекување на сите бунтовници од источните делови на Алепо, јави ТАСС.

Министерството за надворешни работи на Сирија информира дека властите се подготвени да им дозволат на сите вооружени лица заедно со нивното лично вооружување да ги напуштат деловите на Алепо под контрола на бунтовниците, кои се опколени од сириските владини сили.

Во соопштението се нагласува и дека властите се подготвени да им пружат медицинска помош на сите ранети лица, кои ќе го напуштат овој град во северна Сирија. 

- Владата го упатува овој повик со цел да се обебзеди нормализација на животот во источните делови на Алепо и да се возобнови активноста на државните структури во обезбедување на неопходната помош на сите жители на градот, се истакнува во соопштението. 

Во документот се наведува дека за да им се овозможи повлекување на бунтовниците од Алепо, властите ќе воспостават неколку безбедносни коридори, по кои тие ќе можат да се евакуираат од градот. 

- Сириската Влада изразува подготвеност да ги разгледа сите иницијативи за спроведување на овој план, се поенцира во соопштението.