Бизнис
1. April 2022 - 21:17

Дали учебната година ќе заврши на 10 јуни ако наставниците излезат на генерален штрајк?

СОНК не го прифаќа предлогот за линеарно зголемување на платите. Јаким Неделков во телефонски разговор за Сител вели дека остануваат на одлуката за штрајк од 11 април. Предлогот кој ССМ го достави до Владата предвидува сите плати кои досега биле над минималната да се зголемат за 2800 денари. За СОНК ова е спротивно на нивниот колективен договор и е под сумата предвидена со него. За ССМ пак во овој момент овој предлог е фер.

В понеделник социјалните партнери повторно ќе седнат на маса и ќе бараат решение за проблемот со платите. За Владата целта е преку континуиран дијалог да се обезбедат одржливи и системски решенија за зголемување на платите.

„Заштитата на стандардот и интегритетот на наставниот кадар е врвен приоритет на Владата, токму овој дијалог очекуваме да биде стартната позиција врз основа на која ќе се унапредува статусот на  вработените во воспитно-образовниот систем“.

Но, што ако договор нема и СОНК дефинитивно стапи во штрајк. Дали тоа ќе го пролонрира крајот на учебната година која и така е скратена затоа што второто полугодие почна две недели подоцна. Членовите 50 од законот за основно и 25 од тој за средно образование предвидуваат со одобрение од градоначалникот или министерот ангажирање заменски наставници во услови на штрајк. Вицепремиерот Битиќи веќе зборуваше за оваа можност. За Јаким Неделков ваквите изјави се автогол затоа што дополнително влијаат на одлуката на образовниот кадар да стапат во штрајк.