Македонија
25. December 2018 - 14:38

Чевларите од Куманово го прославија Свети Спиридон

Чевларите од Куманово, денеска го слават Свети Спиридон, заштитник на занаетчиите. Минатогодишниот и овогодинешниот кум на празникот, денеска од манастирот Свети Ѓорѓи од Куманово, Вилијам Бојковски и Лидија Милановска, им посакаа здравје и успех на нивните колеги и вработени.

-Ова е убав ден за нас, прославуваме, но и можност да се дружиме, да размениме мислења, идеи, велат сопствениците на фирмите.
 
Според  податоците на сопствениците на погоните, во оваа индустрија во градот работат околу 60 до 70 мали и средни претпријатија. Најголем дел од нив произведуваат полуготов производ, додека петнаесетина нудат готови производи за домашниот и странскиот пазар. Дел од нив се сместени во погоните на пораншената фабрика „Чик“ од каде излезе висококвалификуван кадар, кој знаењето за изработка на квалитетни и кожни чевли им го пренесува на помладите работници.
 
Според податоци на дел од сопствениците на чевларските претпријатија во Куманово, во оваа индустрија ангажирани се над две илјади работници. Бизнис заедницата од овој сектор постојано бара нов и квалификуван кадар за индустријата во која речиси секогаш има слободни работни места, но и поддршка од државата во однос на субвенционирање на придонеси, одредени ослободувања од давачки, со цел индустријата да се развива.