Свет
15. April 2023 - 8:24

Цените на нафтата се задржаа над 86 долари

Цената на нафтата се стабилизираа на меѓународните пазари над нивото од 86 долари, откако Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) прогнозираше рекордна побарувачка оваа година благодарение на закрепнувањето во Кина. На лондонскиот пазар цената на барелот по пладне беше за 46 центи повисока од вчерашното затворање на трговијата и изнесуваше 86,57 долари. На американскиот пазар со барел се тргуваше за 63 центи поскапо, по 82,79 долари.

Трговците денеска беа охрабрени од прогнозата на ИЕА дека побарувачката на нафта ќе порасне за два милиони барели дневно оваа година и ќе достигне рекордни 101,9 милиони барели дневно, најмногу благодарение на закрепнувањето на кинеската потрошувачка по укинувањето на мерките за коронавирус. Нешто повеќе од половина од растот на побарувачката треба да се должи на авионското гориво, додаваат тие.