Царината наплати над 190 милиони евра во април – речиси 13 милиони повеќе од лани
Над 190 милиони евра наплатила Царината во април. Споредбено со истиот месец лани, во државната каса се слеани речиси 13 милиони евра повеќе. Зголемени приходи се забележани од данок на моторни возила, царина, акцизи.
„Вкупно од почетокот на годинава, за четири месеци се наплатени 670,27 милиони евра, што е за 26,5 милиони евра повеќе од лани истиот период. Овие средства значат повеќе инвестиции за капитални проекти, за училишта, градинки, болници, патишта, повисоки плати и пензии, за поконкурентна економија“, вели првиот човек на Царинската Управа, Бобан Николовски.
Премиерот Мицкоски очекува наплатата да биде уште поголема.
„Во услови на пониски цени на нафтата и нафтените деривати сепак е зголемена наплатата. Очекувам во наредниот период уште повеќе да се зголемува што ќе каже дека во минатото голем дел од тие средства завршувале со приватни џебови, а денеска завршуваат во буџетот и преку проекти се враќаат назад кај граѓаните“ – Христијан Мицкоски, премиер
Мицкоски најави и нова инвестиција со над 200 вработени. Почетокот, како што рече, се очекува за една до две недели.
„Минатата година ја завршивме со историски рекорд кога станува збор за странските инвестиции, една милијарда и 255 милиони евра. Само во последниот квартал е повеќе од 400 милиони евра. Како ќе биде годинава, ги чекаме податоците од првиот квартал. Се надевам дека ќе биде подеднакво успешна. Можам да најавам дека за недела - две од денеска почнуваме со нова инвестиција од неколку десетици милиони евра и повеќе од 200 вработени, која ќе учествува значително во БДП“ – Христијан Мицкоски, премиер
Во меѓувреме, јавниот долг се спушти на најниско ниво во последните пет години. Во првиот квартал од годинава, долгот се намалил за 4,7 поени на 57,7% од БДП.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар