Свет
30. November 2025 - 13:49

Бројот на жртви во големиот пожар во станбениот комплекс во Хонг Конг се зголеми на 146

Бројот на жртви од разорниот пожар што го зафати станбениот комплекс Ванг Фук Корт во Хонг Конг минатата недела повторно драстично се зголеми.

Локалните медиуми, повикувајќи се на податоци на полицијата, наведуваат дека досега се пронајдени телата на 146 лица, што е значително повеќе од претходно објавените 128.

Спасувачите продолжуваат да ги пребаруваат опожарените станбени кули, а Шук-јин Цанг, раководител на полициската единица за идентификација на жртви, рече дека околу 100 лица сè уште се водат за исчезнати.

Пожарот се прошири низ седум од осумте кули и целосно беше изгаснат дури во петок наутро. Полициските екипи досега успеале да ги пребараат четирите најтешко погодени згради, а потрагата по жртвите сè уште е во тек.

МИА