Македонија
10. February 2016 - 10:21

Битола ќе подигне споменик на војводата Александар Турунџев

Општина Битола објави јавен повик за архитектонско-урбанистичко и скулпторско идејно решение за подигнување споменик на војводата Александар Турунџев.

Споменикот ќе биде поставен во центарот на кружниот тек кој ќе се гради на улиците „Прилепска“ и „Баталјон Стив Наумов“ во непосредна близина на битолски Ат-пазар, местото каде војводата Турунџев во 1905 година од тогашните власти бил осуден на смрт со јавно бесење.

- На објавениот конкурс може да се пријават и учествуваат правни и физички лица од државата и странство. Пресметковната вредност на спомен-обележјето не може да биде поголема од 1,5 милиони денари, а по завршувањето на јавниот повик, одборот за подигнување на спомен-обележје ќе додели три парични награди од 30.000, 20.000 и 10.000 денари, соопшти Општина Битола.

Советот на Општината ја донесе одлуката за поставување спомен-обележје на војводата Александар Турунџев, член на Македонската револуционерна организација и учесник во Илинденското востание.