Приватните автобуси повторно возат, велат дека од ЈСП добиле пари за до понеделник
Приватните превозници повторно возат. Добиле дел од парите што им ги должи ЈСП и веднаш ги извадиле автобусите од гаража. Колку пари им се исплатени не откриваат, но велат дека им се доволни за следните три дена. Сепак, оптимисти се дека во понеделник ќе им биде исплатен и остатокот.
„ЈСП вчера ни уплати мала сума на средства, но доволна за да се вклучиме веднаш. Автобусите се на скопските улици. Ветено ни е дека проблемот ќе се реши до понеделник и преостанатата сума ќе ни се исплати во понеделник. Се надевам дека тоа ќе биде така за да можеме да продолжиме да функционираме и да работиме нормално понатаму. Па не би ја спомнувал сега сумата, доволна е за периодот што ќе го возиме. Доволно за да ги покриеме трошоците за нафта и тековно сервисирање на автобусите“ – Јовица Зафировски, приватни превозници
Зафировски вчера рече дека Градот Скопје минатата недела префрлил околу 650 илјади евра на сметката на ЈСП, но од претпријатието не им ги дале на превозниците поради неверификувани извештаи. Вкупниот долг кон приватниците, како што вели Зафировски, е околу два и пол милиони евра.
Приватните превозници располагаат со над 200 автобуси и во изминатите три години често се повлекуваат поради неисплатени средства, а ЈСП не може само да ги опслужи сите линии затоа што нема доволен број возила.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар