Свет
13. April 2017 - 17:05

Берлин со нов план за борба против затајувачите на даноци

Германското Министерство за финансии усвои нов план за борба против даноната евазија, како одговор на криминалот што беше откриен со обелоденувањето на т.н. Панамски документи, според кои, голем број германски фирми отворале свои претставништва во Панама и од таму вршеле финансиски трансакции.

Германија со новиот план од 10 точки, кој предвидува и договор за размена на информации со Владата на Панама, очекува да се намали нивото на неоданочени финансиски транакции извршени од германските компании, кои ги користат панамските банкарски и финансиски услуги.

Меѓу другите мерки за борба против даночната евазија се единствена листа на земји кои не соработуваат со германските власти за даночни и финансиски прашања, упатување апел до сите државу кои важат за даночни оази да прифатат стандарди за автоматска размена на информации, креирање на регистер за фирми кои работата во вакви територии и нивни засилен мониторинг.

Како што јави дописникот на МИА од Берлин, фирмите регистрирани во Германија во иднина ќе мораат да прифатат задолжително откривање на своите финансиски трансакции, за нив ќе бидат предвидени и поголеми казни за нелегални активности, а властите дополнително ќе ги зајакнат и мерките против случаите на перење пари.

Најголемиот дел од новите мерки ќе стапат во сила до крајот на оваа година.

Новите мерки се најавени неколку дена откако Велика Британија стана првата земја на светот која на своите компании им наложи да ги направат јавно достапни податоците за сопственоста и покрај тоа што земјите кои носат епитетот даночни оази имаат законодавство спротивно на британското.

Германските мерки се очекува да влијаат и на другите земји на ЕУ да усвојат законодавства, кои ќе превенираат даночна евазија со помош на компании во 81 земја што даваат посебни услуги со кои послено се избегнува плаќање на даноци.

Најпознат пример во Германија во кој земјата загубила околу 15 милиони евра е случајот со поранешниот таен агент Вернер Маус, кој преку инвестиции во оф-шор компании регистрирани во земји кои нудат сомнителни финансики услуги, успеал да избегне плаќање данок во матичната земја.