БЕГ бара поскапување на парното за 300%, РКЕ бара доказ за цената на гасот
Граѓаните ги чека поскапување и на парното греење. БЕГ веќе од Регулаторната комисија побарале зголемување на цената за 300 отсто и тоа од јануари. Од РКЕ потврдија дека до нив е пристигнато вакво барање кое главно се темели на драстичниот раст на цената на природниот гас на светските берзи. Но, ќе се анализира откако БЕГ ќе достави доказ односно договор за набавка на природен гас во кој ќе биде дефинирана и цената. Сепак од комисијата најавија дека поради кризата ќе бараат од иснитуциите финансиски да ги помогнат граѓаните кои користат парно.
Со оглед на исклучително комплексната состојба на пазарот со енергенси, кога е во прашање цената на природниот гас кој во нашата држава единство доаѓа од уво, а со самиот факт дека централното градско подрачје е корисник на топлинската енергија, РКЕ во процесот кога ќе стартува со анализа ќе ја информира Владата, Градот Скопје и општините на чие подрачје има корисници на топлинската енергија, за да ги разгледаат можности за финансиска помош на домаќинствата кои користат парно, велат од РКЕ.
Од БЕГ ниту ја потврдија ниту ја негираа информацијата околу барањето за поскапување, само наведоа дека ги доставиле пресметките за трошоците до РКЕ.
Согласно Правилникот за регулирање на цени за топлинска енергија и системски услуги донесен од стана на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Р.С.М, друштвата кои се носители на лиценца за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија имаат обврска, до РКЕ да достават податоци за трошоци за регулираниот период.
Врз основа на тие податоци, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија ги утврдува тарифните ставови според кои се фактурира испорачаната топлинска енергија кон крајните потрошувачи, велат од БЕГ.
Најголем дел од домаќинствата близу 60.000 се снабдуваат со парно греење од БЕГ, на мрежата на ЕСМ Енергетика се приклучени околу 4.000, а најмалку корнисици има на Скопје Север, нешто над 500 тини. Последен пат корекција на цената на парното беше направена во јуни годинава.
-
Ирена Чачкова
Сите содржини од овој новинар