Македонија
7. April 2016 - 14:14

Аргентинскиот писател Гилјермо Мартинес на штандот на „Антолог“ на Саемот на книгата

На штандот на издавачката куќа „Антолог“ на претстојниот Саем на книгата, идниот четврток од 17 часот ќе гостува аргентинскиот писател и математичар Гилјермо Мартинес, автор на бестселерот „Оксфордски убиства“ кој овој издавач го објави на македонски јазик пред три години. 

Уредникот во „Антолог“ Жарко Кујунџиски денеска на прес-конференција истакна дека за своите 17 години постоење на македонските читатели им подаруваат средба со познатиот писател, а со тоа сакаат да придонесат и за интернационализирање на Саемот на книгата. 

Мартинес е најпреведуваниот аргентински писател на 21 век и еден од најчитаните писатели во неговата земја. Романот од 2003 година „Оксфордски убиства“ е преведен на 30-ина јазици и бил сензација во Аргентина, Шпанија, Велика Британија, САД. Според него е снимен истоимениот холивудски хит со Џон Харт и со Илајџа Вуд во главните улоги.

„Антолог“ досега има објавено четири од книгите на овој писател („Жената на маестрото“ во 2009, „За Родерер“ во 2010 и „Оксфордски убиства“ во 2013), а неговата најнова книга - мистичниот трилер „Бавната смрт на Лусијана Б.“ ќе биде промовирана на Саемот на 14 април, кога читателите ќе имаат можност и за средба со писателот. Кујунџиски рече дека исклучителниот  прием на романите на Мартинес кај македонските читатели било повод авторот да го поканат во Скопје, а гостувањето го  договорале подолго време. 

- Огромна е радоста што во Скопје и во Македонија го доведуваме Гилјермо Мартинес, чии книги се дел од нашата преводна програма уште од самите почетоци. Лично ќе ми се оствари можеби најголемата книжевна желба, бидејќи за мене Мартинес е една од најинтересните појави, со интригантен стил што е достапен секому, но со толку напластени слоеви што може да му позавидат сите книжевни мајстори, рече Кујунџиски за Мартинес, кој е автор на десет книги од кои половината се романи.

Оваа година „Антолог“ ќе има фестивалско претставување на Саемот на книга зашто за секој од седумте саемски дена има испланирано активности на штандот под мото „Секој ден нова приказна со „Антолог’“. 

На првиот ден (12 април) издавачот ќе организира Ден на европската литература во соработка со Програмата на ЕУ „Креативна Европа“, на 13 април ќе го промовира романот „Трач’ - бестселерот на „Њујорк тајмс“ од Елин Хилдербранд која ја нарекуваат „кралица на летните романи“. На 15 април е ден на трилери со музичка програма и настап на диџеи, на 16 април - Ден на македонски автори, кога ќе бидат претставени десет, пред се, млади писатели.

Во недела, 17 април, ќе организира дружење со писатели за деца и читање приказни со актерката Лабина Митевска, а последниот саемски ден - 18 април ќе го посвети на канадската литература во чест на Маргарет Етвуд, годинашен лауреат на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата, чиј роман „Слепиот убиец“, добитник на Букеровата награда, на македонски го објави „Антолог“.  На последниот саемски ден ќе биде промовирана и „Приказна за бојата“ од Ана Андроска, оригинална македонска боенка за возрасни.

Покрај активностите за анимирање на читателите, издавачот ќе понуди и сто нови наслови и саемски попусти од 10 до 70 отсто на своите изданија.