Македонија
3. March 2025 - 16:31

Апелација му скрати четири години од казната на Боки 13 за „Рекет“

Од девет на пет години намалена казната затвор за Бојан Јовановски- Боки 13 осуден за случајот „Рекет“. Апелација постапувала по барање на одбраната за преиначување на правосилната пресуда без повторување на постапката, потврди адвокатот на Јовановски, Владимир Туфегџиќ за Сител. Влошената здравствена состојба била доказот до судиите во Апелација. 

Беше поднесен предлог за преиначување на правосилна пресуда без повторување на кривичната постапка согласно член 447 став 1 точка 3 од Законот за кривичната постапка.Заедно со барањето е поднесена и обемна медицинска документација, докази за отстранет желудник, како и докази дека лекувањето не може да се спроведе во затворски услови, вели Туфегџиќ.

Според адвокатот, со одлуката да бидат скратени четири години од казната, на Јовановски му остануваат уште неколку месеци од казната. Засега е неизвесно дали тој воопшто ќе се врати во ќелија, со оглед дека во моментов е надвор од затворот, со отпус за лекување. Поради влошување на здравјето, Јовановски, претходно од Кривичниот суд побара повторување на постапката, но судот го одби ваквото барање.

Боки 13 беше осуден на 9 години затвор за кривичното дело Примање награда за противзаконито влијание и Перење пари, во предметот Рекет.Во истиот случај седумгодишна казна затвор доби и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева.