Македонија
28. November 2019 - 13:35

Апел за помош на настраданите во земјотресот во Албанија

Скопје е град на солидарноста, затоа и ние денеска да бидеме солидарни, порача заменик градоначалникот на Град Скопје, Енвер Малиќи на денешната иницијатива покрената од Паркленд групацијата „Преј фор Албаниа-донирај“.

-Секоја помош е добредојдена и е од голема важност да се здружиме сите за една цел,  а тоа е да им помогнеме на нашите соседи кои се во неволја, рече Малиќи.

Потсети дека Град Скопје веќе испрати две екипи во градот Драч кој е најпогоден од катастрофалниот земјотрес, како и материјална помош, и додаде дека како бизнисмен и самиот ќе даде пример со своја донација.

Генералниот секретар на Црвениот крст Саит Саити, посочи дека досега од повици на трите мобилни оператори преку линијата 143 400 се собрани 2 милиона 460 илјади денари односно 40.120 евра, а како што кажа, отворена е специјална сметка за солидарност на Црвениот крст.

Тој истакна дека во Драч веќе престанува потрагата по преживеани, бидејќи нема ниедно лице што не се знае каде е и додаде дека сега активностите се треба да се концентрираат на расчистување на последиците од земјотресот. Ги повика граѓаните донациите што ги планираат да бидат во парични средства, но не го исклучи и донирањето на материјални средства, но тие пред се да бидат конзервирана храна, бебешка храна, лекови, вреќи за спиење и ќебиња.

За нив, како што кажа,  потребна е посебна процедура за да се транспортираат до Албанија, а парите што ќе легнат на сметката веднаш ќе бидат префрлени преку Црвениот крст на Албанија.

Претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија,  Неби Хоџа рече дека веднаш по земјотресот имале состанок со стопанствениците и се мобилизирале и отвориле три пункта во Скопје, Тетово и Струга каде сите заинтересирани можат да донираат.

– Само за првите 24 часа се собрани донации од над 100.000 евра, рече Хоџа.

На настанот беа присутни и многу медиумски личности од естрадата, како и министерот за образование Арбер Адеми.

Претставникот на Црвениот крст донесе специјални кутии за собирање на парични донации за кои заменик градоначалникот Малиќи рече дека се надева дека веднаш ќе бидат наполнети.