Македонија
21. November 2016 - 15:39

Амбасадорите Жбогар и Герет во посета на Прилеп

Амбасадорите на Европската унија Самуел Жбогар и на Велика Британија Чарлс Герет денеска во Прилеп се сретнаа со градоначалникот Марјан Ристески.

Жбогар и Герет посочија дека сакаат да разговараат со локалните власти и со граѓаните за тоа што може ЕУ да направи за нив.

Според Жбогар неколку проекти во општината се во тек, а се финансирани од ЕУ.

- Дојдовме во Прилеп да научиме нешто повеќе за градот, за тоа какви проекти ЕУ реализира во општината. Во соработка со општината реализираме многу проекти во повеќе сфери кои директно ги засегаат граѓаните, а тоа се изградба на канализациониот систем и пречистителна станица за отпадните води. Тоа се проекти кои се во тек. ЕУ финансира и проект за реконструкција на железничката станица и повеќе проекти поврзани со социјалната сфера, рече Жбогар.

Посочи дека ќе се сретнат и со уметници, новинари и граѓани од  кои, како што рече, сакаат да слушнат кои се нивните очекувања од ЕУ и од другите земји.

Амбасадорот на Велика Британија рече дека по доаѓањето во Македонија во 2014, прв град по Скопје што го посетил е Прилеп и сега ова е втора посета на градот.

- Среќен сум што сум повторно во Прилеп. Прилеп е првиот град, по Скопје што сум го посетил по пристигнувањето во Македонија во 2014. Многу е важно дипломатите во Скопје да го видат Прилеп, кој е многу различен и е важен дел од државата, рече Герет.

Амбасадорите на ЕУ и на Велика британија Жбогар и Герет попладнево ќе имаат средби со граѓаните на Прилеп.