Бизнис
3. May 2017 - 20:07

Актор објави видео од автопатската делница Демир Капија - Смоквица

Изградбата на автопатската делница Демир Капија – Смокица е во завршната фаза. Компанијата изведувач Актор објави видео од автопатот долг 28,5 километри чие официјално пуштање во употреба се очекува наскоро.

Се работи за една од најголемите инфрасртуктурни инвестиции на државата вредна 217 милиони евра. Со неа целокупната траса на паневропскиот Коридор 10 низ Македонија станува автопат.

Според последните информации над 92% од градежните работи на делницата се завршени.

Автопатот со вкупно 6 ленти е комплетно асфалтиран, а изградени се и 6 мостови од кои најдолгиот е 660 метри и 2 тунели со должина од по 1200 метри. Делницата има и мониторинг центар за контрола и безбедност во сообраќајот.

Финансиите за изградба се обезбедени со кредити од ЕБРД и ЕИБ, грант од ИПА програмата и со средства од буџетот.

Оваа автопатска делница е една од низата инвестиции во инфраструктурата, меѓу кои се и уште два нови автопати, Миладиновци – Штип  и Кичево – Охрид.