Активни 955 случаи на Ковид-19
Со секојдневниот пораст на нови позитивни на Ковид-19, од вчера се активни 955 случаи во земјава. Пред еден месец беа 130 активни во целата држава (Скопје со 54 и Тетово со 14), а од 955-те во вчерашната статистика, 285 се само во Тетово и 275 во главниот град. Од шест регистрирани на 5 јули, статистиката за 5 август бележи 219 нови случаи.
Тетово и Скопје вчера имаа ист број новозаразени, по 65, а двоцифрени нови случаи имаа и Куманово (20) и Гостивар (19). Триесет пациенти се оздравени, а починале четворица – од 61 до 76 години. По Скопје и Тетово, висок број активни случаи имаат и Куманово (90), Гостивар (84), Битола (38), Дебар (29), Струмица (27), Кичево (23). Десет градови немаат активни на Ковид-19.
Епидимиолошката служба на тетовскиот Центар за јавно здравје оцени дека за само еден месец од регион со спорадични случаи, Тетово е во фаза на широко распространета трансмисија на Ковид-19 и се очекува бројот на новозаболени да расте уште повеќе.
-На 6 јули имаше шест случаи на домашно лекување, а сега има околу 220 во градот Тетово. Имаме по 30, 40 и вчера дури 60 позитивни случаи. Генерално, новите случаи не се вакцинирани. Од овие 220, само десетина имаат примено вакцина, изјави д-р Сузана Субашиќ, раководител на епидемиолошката служба.
Зголемениот број се должи на непочитување на мерките и протоколите, а инфицираните се од семејни прослави и потоа од ширење на контактите. Многу од заразените се дојдени од западните земји, појасни епидемиологот Субашиќ, кои по престојот во државава се тестираат за да може да заминат во земјите каде што работат. Голем дел од нив се млади лица и често се инфицирани, но без симптоми.
Во Тетово има и најмногу хоспитализирани болни од Ковид-19. Од вкупно 105 во целата држава, во тетовската клиничка болница лежат 32 пациенти – шест повеќе од претходниот ден.
На Инфективната клника во Скопје има 20, исто толку во гостиварската болница и десет во Општата болница во Куманово. Во болницата во Струмица има седум пациенти, шест во Прилеп, по четворица се хоспитализирани во Битола и Штип и по еден во болниците во Велес и Струга.
Надлежните апелираат за помасовен одѕив за вакцинирање како единствен начин да се надмине епидемијата во која од почетокот т.е. од минатиот февруари до сега бројот на ковид-дијагностицирани достигна 156 926, а починаа 5501 луѓе.
Министерството за здравство соопшти дека заклучно со средата вакцина примиле 519 106 граѓани, а со две дози се имунизирани 409 186. Барем една доза вакцина досега примиле 65 отсто од населението над 70 години, 62 отсто од лицата над 65 години, 57 отсто од тие што се повозрасни од 60 години и 47 проценти од граѓаните над 50-годишна возраст.
Непречено се одвива теренската вакцинација во помалите населени места и руралните средини. За вакцина не е потребно закажување термин, освен за деца од 12 до 17 години за кои пријавувањето е на веб-страницата vakcinacija.mk.
Ново на Сител
-
ЦУК: Во последното деноноќие 1.616 повици на 112
-
Абас: Израелската армија ќе го нападне градот Рафа во наредните денови
-
На пролетен фестивал во Германија, повеќе од 800 луѓе се заразиле со стомачен грип
-
Расистички навреди кон Нико Вилијамс
-
Од Либан истрелани 26 ракети кон северот на Израел
-
Анкета во САД: Поддршката за Бајден на историски најниско ниво од 38,7 отсто
-
Во Скопје санкционирани 142 возачи, 52 за брзо возење
-
Учениците од утре на пролетен распуст, наставата ќе продолжи на 7 мај