АХВ казни 14 месарници – Уништени над 300 килограми небезбедна храна
Недоволна хигиена, продавање на небезбедно месо, вработени без задолжителни санитарни прегледи – Ваква состојба затекнале инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство при контроли на месарници. Од 73 вонредни надзори низ државата ден пред да почне продолжениот празничен викенд, дури кај 14 од нив биле констатирани пропусти. Три од нив продавале небезбедна храна а кај 7 имало пропусти во хигиенската пракса.
- Неправилности во поглед на означување на производите утврдени се кај 3 месарници, а кај исто толку било утврдено дека не биле регистрирани како оператори со храна во АХВ. За утврдените недоследности – нехигиена, наталожени маснотии во месарниците, неводење записи, несоодветно одржување на опремата, оштетени зидни и подни површини, немање на сопствен план за анализа на храна, незавршен курс по хигиена на храна, односно непоседување на сертификат за оваа законска обврска – издадени се 23 решенија за отстранување на пропустите, вели Оливер Миланов, директор на Агенција за храна и ветеринарство.
Освен решенија, 14-те месарници добиле и казни во вкупна вредност од 8350 евра. А за гарантирање на безбедноста на храната што ја консумираат граѓаните, од АХВ велат дека вакви контроли ќе има и во следниот период.
- Како АХВ, водиме сметка да го држиме темпото што го наметнавме и покрај редовните кнтроли ќе продолжиме и со вонредните надзори кај сите оператори со храна, без исклучок, вели Миланов.
Во вонредната акција низ месарниците, биле уништени 323 килограни небезбедна храна.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар