Македонија
20. April 2025 - 16:46

Ахмети ја потврди комуникацијата со Таравари - ВЛЕН најавува спојување во една партија

Средба немало, ама Ахмети и Таравари телефонски разговарале  по превирањата во коалицијата Вреди. Во изјава за албанските медиуми лидерот на интегративците не открива дали е можно преминување на Таравари во друштво на Европскиот фронт, но вели разбрал оти албанските позиции во извршната власт се нарушени, а тоа го разбрал само еден човек, и семат дека тоа треба да го прават и другите.

„Важно е албанската политика да биде конструктивна во Северна Македонија, да биде добро структурирана. Не еднаш ги објавив позициите на ДУИ, дека со ангажманот на политичките партии во ВЛЕН во извршната власт, ги девалвираа и понижија Албанците во Македонија. Континуирано ве повикуваме да ги напуштите институциите и да не станете дел од понижувањето на Албанците“, изјави Ахмети. 

Дали сепак постои договор со Мала Речица, Таравари не одговара. Засега сигурно одиме со наши советнички листи, очекуваме анкети по општини, па ќе одлучиме и за наши градоначалници. Со премиерот секако ќе имаме средба, вели Таравари за Сител.

Вреди пак неделава најавува формирање на една партија, односно спојување на трите политички субјекти во едно. Вицепремиерот Меџити, во интервју на Телеграфи Македонија на албански јазик, информира дека новата партија ќе има заеднички штаб, информативен центар, заеднички кандидати, заедничка програма и листи на заеднички советници на претстојните локални избори.

Превирањата на албанскиот политички блок водат кон коалиција на Таравари со Ахмети и излегување од Влада, сметаат аналитичарите.

По состанокот на тројката лидери, Меџити најави дека ќе ги објават и целите и плановите за престојните локални избори. Иако имиња не споделуваат од коалицијата потврдија дека во изборната трка влегуваат со заеднички кандидати и за советници и за градоначалници.