Македонија
19. March 2024 - 16:33

Аеродром води со најголем број случаи на пертусис, едномесечно бебе најмлад пациент со голема кашлица

Едномесечно бебе од Чаир е најмладиот пациент заболено од голема кашлица. Од скопскиот центар за јавно здравје велат дека пријавата ја добиле од болница каде е хоспитализирано заедно со мајката.

Новороденчето нема тешка клиничка слика, но мора да биде под лекарски надзор поради возраста. Добило пертусис пред да ја започне вакцинацијата согласно задолжителниот календар каде првата доза на ДиТеПер е предвидена на 2 месеци по раѓањето. 

- Ние правиме епидемиолошка анкета со семејството обидувајќи се да дознаеме од каде детенцето ја добило заразата. Даваме препораки на семејството како тие да се однесуваат, а во однос на грижата и лекувањето на детенцето тоа го прават клиниките, вели д-р Александра Петковска, епидемиолог во Центар за за јавно здравје Скопје.

За да бидат заштитени новороденчињата кои не почнале со вакцинацијата, лекари препорачуваат вакцини за возрасни да примаат трудници во третиот триместар за да го заштитат бебето по раѓањето. А бројките на заразени секојдневно растати денеска во Скопје има 14 нови случаи од кои поголем број се бебиња под една година и училишни деца. 

Мал број од заразените завршуваат во болница, но првите денови мора да бидат изолирани.

- Советуваме да носат маски бидејќи оваа зараза се пренесува по капков пат. Исто така во семејства каде има мали бебиња советуваме профилакса односно земање на антибиотик, но тоа е пак индивидуално, вели д-р Петковска. 

Досега во главниот град има 232 случаи на пертусис. Води општина Аеродром со 67 и Центар каде има 51 со голема кашлица. 

Во градинка сега примаат и деца со примени првите три дози на ДиТеПер. Некои родители рерагираа дека има предучилишни установи кои повторно враќаат деца, но за тоа надлежните апелираат дека треба да биде известен Државниот санитарен и здравствен инспекторат.