31.издание на Охридскиот пливачки маратон
Во водите на Охридското Езеро денеска ќе се плива 31. Охридски пливачки маратон, што е редовна трка од „Гран при“ серијата маратонски трки на отворени води на Светската пливачка федерација (ФИНА).
На стартот закажан за напладне кај Свети Наум треба да се појават 22 пливачи, од кои 15 во машка и седум во женска конкуренција. Се очекува првите од нив патеката „Климе Савин“, долга 30 километри, да ја испливаат за околу пет и пол часа, зависно од временските прилики.
Меѓу пријавените маратонци се и тројцата македонски пливачи - Евгениј Поп-Ацев, Александар Илиевски и Александар Панчевски.
Охридскиот маратон се одржува под покровителство на претседателот на Република Македонија, со награден фонд од 10 илјади долари. Коорганизатори на трката се општина Охрид, Пливачката федерација на Македонија и Агенцијата за млади и спорт.
Минатата година најуспешен во машка конкуренција беше нашиот Томи Стефаноски, а кај пливачките победата ја понесе Олга Козлодуб од Украина.
Рекордот на маратонот во Охрид му припаѓа на Аксел Рејмонд, постигнат пред две години кога, тогаш 19-годишниот француски маратонец, патеката ја исплива за 5:09:54(95) часа. Во ФИНА бодувањето се одредува според паричниот фонд, така што победникот на Охридскиот пливачки маратон, покрај паричната награда, ќе добие и 15 бода на своето конто, второпласираниот 11, третиот 9, четвртиот 7…осмопласираниот 3 бода. Секој што ќе го исплива маратонот во предвидениот временски рок до половина час по пристигнувањето на победникот на целта добива два бода.
Агенцијата за млади и спорт одлучи да издвои двојно повеќе финансиски средства за пливачкиот маратон со цел да се одржи континуитетот на оваа традиционална манифестација.
Охридскиот маратон е трет и претпоследен во годинашната програма на „Гран при“ серијата на ФИНА. Светскиот маратонски куп на отворени води завршува со трката Неапол – Капри закажан за 3 септември.
Охридскиот пливачки маратон континуирано се одржува од 1992 година, а првиот официјален маратон во Охрид се одржа во 1962 година на патеката Пештани – Струга – Охрид во должина од 36 километри. Победник на првиот маратон беше Египќанецот Абу Хеиф, третото место му припадна на охриѓанецот Дики Бојаџи, додека во женска конкуренција победи неговата сестра Атина Бојаџи.
Ново на Сител
-
До крајот на денов сончево со мала локална облачност
-
Пакистан го прекина интернетот и мобилната телефонија
-
Мицкоски: Очекувам до следната летна или есенска сезона да има нови 100 до 120 електрични автобуси за јавен градски превоз
-
„Фаненшл тајмс“: Русија регрутира платеници од Јемен да се борат во Украина
-
Зеленски: Украина треба да ја зајакне противвоздушната одбрана за да ги заштити луѓето
-
Мицкоски: Со банките е договорена каматна стапка од 1,95 проценти за унгарскиот кредит за компаниите
-
Владата на Србија му го одзеде имунитетот на Горан Весиќ
-
Изборниот материјал во Албанија и на македонски јазик