Македонија
13. јуни 2024 - 16:46

Земјоделците први ќе го платат данокот од климатските промени

Данокот од климатските промени први ќе го платат земјоделците, оценуваат агро експертите. Повисоките температури од вообичаеното го скратуваaт периодот на вегетација, што директно влијае врз намалување на квалитетот и квантитетот на прозиводството. Земјоделците мора да се адаптираат на новите климатски услови, а за тоа, како никогаш досега им е потребна помош од државата и од научната фела во селекција на нови сорти и хибриди. 

- Сорти со пократка вегетација, издржливи на суша, кои ќе бидат многу пониски, што значи дека нема да имаат толку голема лисна маса. Едноставно, да бидат прилагодливи на новонастанатите услови, изјави Ванчо Каров, Земјоделски факултет - УГД-Штип.

Потребна е и современа механизација, квалитетен семенски материјал и докажани и сертифицирани вештачки ѓубрива, посебно при производство на лебното зрно, како основен прехрамбен продукт.

- Во идиина треба да се адаптираме да произведуваме повеќе. Ако нашите земјоделци ги сменат навиките што ги имаат, одговорно тврдам дека за 2-3 години можеме да го зголемиме приносот од само 500 кг по хектар и ако имаме некаде 70-80 000 ха засеани со пченица, по 500 кг тоа се 40 000 тони пченица, што значи дека увозот 50% ќе го редуцираме, изјави Бубе Трајковски, производител на пченица.

Македонија од земја извозничка на храна, денес годишно увезува прехрамбени производи во вредност од 700 милиони евра.