Македонија
4. January 2025 - 16:41

Затворен атмосферски канал во Прилеп со поставување на цевки и со подготовки за урбанизација

Прилеп го реши деценискиот проблем со отворениот атмосферски канал на излезот од градот од потегот на ул. „Александар Македонски“ па се до Градската река. Комплетно се исчисти целиот простор, а во должина од 117 метри се поставија цевки со дијаметар  од 1.000 сантиметри. Инвестицијата е на Министерството за животна средина од над 4.5 милиони денари, со кофинансирање на Општината. Од Министерството најавија и други значајни проекти во Прилеп.

„Општината има аплицирано со уште еден проект, а тоа се Лековските извори, проект кој што исто така е изработен од страна на ЈКП „Водовод и Канализација“. Станува збор за проект 1 милион евра. Станува збор за целосна реконструкција на изворите кои што веќе се користат. Од 1946 година до денес тој цевковод не е реконструиран и ова ќе биде негова прва реконструција која се надеваме дека ќе се случи во 2025 година“, изјави Ана Лашкоска, заменик министер за животна средина.

Во иднина тука се планира изградба на улица и урбанизирање на просторот.

„Воедно во скоро време ќе продолжи проектот со сообраќајно вклучување на овој дел со ул. „Блаже Темелкоски“ и со тоа ќе има и инфрструктура на паркови зеленило и се она што го заслужува овој дел на градот“, вели Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

Министертсвото за животна средина ќе помогне во иднина и околу изградба на канализациони системи во руралните населени места.

„Оваа година го преземаме населеното место Мало Коњари каде само 50% е извршена реализацијата на канализацијата, Канатларци веќе се одржува функционира и Големо Коњари каде проектот е целосно направен и оваа година ќе се заврши таму канализацијата. Оваа година Водовод ги спрема проекетите за канализација за населените места Селце и Лагово“, кажа Игор Гулабоски, диретор на ЈКП „Водовод и Канализација“ – Прилеп.

Водовод за годинава има подготвено и проекти за целосно нов водовод за село Селце каде вода ќе се донеси и до самиот манастир и за прв пат ќе има водовод за селото Лениште и околните викенд куќи.