Македонија
6. January 2025 - 16:36

Први во Европа, петти во свет - ама по загаден воздух

Први во Европа петти во свет, ама по загаден воздух. И денеска Скопје рекордер на листите на најзагадени градови. Единствено пред Скопје на ранг листата се најдоа градовите во најнаселените држави- Индија, Кина, Пакистан, Виетнам. 

Реченицата дека Скопје е меѓу најзагадените градови во светот е веќе добро позната секоја година и кај граѓаните и кај политичарите. Додека граѓаните на социјалните мрежи отвараат дискусии за вчерашните бадникарски огнови, дали требало да се палат или не, на веќе и онака презагадениот воздух во Скопје, политичарите секојдневно си ја префрлаат вината во чие владеење бил позагаден воздухот и чија е вината што се дише токсичниот воздух.

Дека загадениот воздух е резултат на неодговорноста на поранешната власт, не изостана и денеска обвинувањето од владејачката коалиција ВРЕДИ. 

Загадувањето на воздухот во Скопје датира одамна. Потсетуваме на времето на поранешниот министер од ДУИ, Садула Дураку, како што повеќе сакаат да го нарекуваат “гага“. Кој не покажа срам и одговорност на новинарско прашање на оваа тема дека граѓаните се загрижени за загадениот воздух. Неговиот одговор беше следен: “Не ме засега што мислат граѓаните“.

Значи, со овие кадри на ДУИ, животната средина дојде вомизерна состојба и загадениот воздух навлезе во нашите населени места, стои во дел од реакцијата на ВРЕДИ. 

Според коалицијата вреди, откако министерот за животна средина од нивните редови, Изет Меџити го презел министерството набавиле 6 еколошки автобуси и доделиле 50 милиони евра за општините за проекти од областа на животната средина. 

Но и денеска Скопје со индекс од 16 влезе во категоријата нездрав воздух означен со црвена боја. Веднаш зад Скопје, од европските градови се најде и Приштина.