Македонија
10. October 2025 - 12:23

Загрижувачки тренд на пораст на бројот на пацинетки со карцином на дојка

Инциденцата на пациентки помлади од 40 години, со карцином на дојка во последните неколку години е во загрижувачки тренд, односно, со пораст од 2 % годишно и во 40 % од случаите завршува со смртен исход. Причина е што кај нив е позастапен поагресивниот биолошки тип и поголема е веројатноста за генетска основа како ризик фактор.

-За жал се помлади жени заболуваат од оваа болест. Ако претходната просечната граница е била 45 до 50 години, сега минималната граница е од 25-тата година па нагоре и во просек 35 и 40 годишни жени заболуваат. Сега се поместуваат возрасните граници. После 20-ата година жените треба да си ги прават редовните ЕХО прегледи, а после 40-ата година да започнат да се прегледуваат на мамографија, изјави Габриела Димова, радиолог во Клиничка болница- Штип.

Неделно во штипска Клиничка се врши биопсија на дојка на десетина пациентки од источниот регион. Алармантен е податокот дека дури 80 % од наодите се позитивни.

Симптомите се, промена во големината на градата, пациентките најчесто знаат да дојдат на преглед затоа што напипале некоја грутка, која за кратко време расте, тврда е и не се повлекува. Се забележува исцедок од брадавицата, повлечена брадавица, црвенило на кожата, додава Димова.

Бидејќи ракот на дојка претставува глобална закана, а факторите како неинформираност и страв кај женската популација претставуваат дополнителен ризик за зголемување на оваа дијагноза, студентски организираната медицинска асоцијација (СОМА) во Штип организира настан од отворен карактер.

-Се обидовме да направиме  простор, каде ќе можеме да поразговараме да дадеме поддршка и да научиме нешто ново. Разговорот е лек за се, изјави Михајло Мирасчиев, претседател на СОМА.

На Клиниката за онкологија годишно се регистрираат околу 1200 пациенти со карцином на дојка, а 1% отпаѓа на машката популација.