Втора рунда интервјуа за нов претседател на Антикорупциска
Втора рунда интервјуа за нов претседател на Антикорупциска. Уште петмина кандидати половина час се претставуваа и одговараа на прашања на експертите во Комисијата за селекција - адвокатот Ненад Трифуновски, инспекторката за одбрана Благица Трошанска, Кимо Чавдар, декан на еден од приватните универзитети, генералниот секретар на Антикорупциска, Адеми Чучуљ и поранешниот советник во Министерството за образование, Феузи Џафери.
Трифуновски рече дека ќе се залага за менување на перцепцијата кај граѓаните дека борбата против корупцијата е можна.
Инспекторката Трошанска најави работа на проширување на капацитетите на ДКСК.
-Во сите ниво и во сите сегменти кадешто би ценела дека постои можност изменувања и дополнувања на законите секако дека би интевернирала за подобрување на работата на Комисијата. Односно, за создавање подобри законски услови за антикорупциска контрола на сите прописи во државата.
Деканот Чавдар најави подобра комуникација со јавноста и намалување на роковите за постапување.
-Би направил една анализа како Комисијата да биде поефикасна, побрзо да ги решава и како Комисијата да се претстави, зашто Комисијата е лицето кое ја потврдува борбата против корупцијата на државата. Без нејзе, немаме ние, народор, граѓаните не можат да утврдат дека навистина нешто се случува.
Ген-секот Чучуљ вели дека иако приоритет ќе му биде подобрување на софетверските решенија и заживување на Регистарот на избрани и именувани лица.
-Ние ден-денеска немаме точна бројка на избрани и именувани лица од причина што Регистарот активно не се полни од страна на институциите кои ги избираат, односно именуваат лицата. Тоа би ми било еден од приоритетите, уште сега работам на тоа, да се подигне обврската за пополнување на регистарот, вели Чучуљ.
Поранешниот советник вели, неопходна е поголема соработка на ДКСК со другите институции, особено во делот на добивање информации.
-Во ниту еден случај не можеме да имаме ефикасна борба против спречувањето на корупцијата ако соработката не е со сите институции кадешто ќе биде неопходно да се обезбедат потребните информации за да се, тој предмет, конкретизира, па нормално и понатаму да се канализира по другите постапки, рече Џафери.
Утре претставниците на Невладините организации ќе ги достават своите оценки за кандидатите за наследник на Татјана Димитровска. За в петок планирано е пратениците на Комисијата за избори и именувања да го изберат конечниот кандидат за прв човек на Антикорупциска.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
