Од следната недела ќе се плаќа 18% ДДВ за нарачките од странство до 22 евра
Од следната недела ќе се плаќа 18% данок и за нарачките до 22 евра од Тему, Алиекспрес и другите интернет продавници од странство. Собранието ги изгласа законските измени и тие ќе стапат во сила 8 дена по објавата во службен весник. Целта е да се зајакне домашната економија, велат од Министерството за финансии. Очекуваат прилив од околу 65 илјади евра секој месец – пари кои ќе се пренасочат во стопанството.
„Трошокот за пресметката и плаќањето на ДДВ нема да падне на товар на граѓаните, што значи дека нема да има промена на цените за крајните потрошувачи, а мерката ќе обезбеди фер конкурентност помеѓу домашните и странските онлајн продавници“, велат од Финансии.
Министерката Димитриеска Кочоска во тема на денот посочи дека плаќањето на ддв-то кон државата ќе биде обврска на шпедитерите со кои соработува Тему.
Даночниот експерт, Павле Гацов, вели дека за оние кои веќе нарачале производи, цената нема да се менува, бидејќи таа веќе е платена. Тоа значи дека краткорочно, добавувачот ќе го „плати“ данокот од сопствениот џеб и неговата заработка малку ќе се намали. Но, кај идните нарачки, продавачите ќе го вградат зголеменото ДДВ во цените за да ја задржат истата добивка.
„Во економијата има правило: ДДВ-то последен го плаќа граѓанинот. Тоа значи дека секогаш ќе падне на грбот на последниот купувач.
Овде последни се граѓаните, така што ова сигурно ќе биде удар на оној што последен купува, плаќа, бидејќи добавувачот ќе сака да го вгради ДДВ-то во цената за да го превали на потрошувачот. Сигурно нема шноличка што била 100 денари и понатаму да биде 100. Ќе биде 118 за да биде истата заработка. Нема бизнис којшто ќе работи на своја штета и да одвои од својот профит од 18% за државата.“ – Павле Гацов, даночен експерт
Данок нема да се плаќа за пакет испратен како подарок, но под услов да не чини повеќе од 22 евра и да не е алкохол, парфем или цигари.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
