Свет
19. March 2024 - 8:35

Во израелската воена операција во „Ал Шифа“ во Газа загина третото лице во хиерархијата на Хамас

Израелската армија соопшти дека убила десетици палестински борци и уапсила повеќе од 200 лица во голема операција вчера во најголемиот болнички комплекс во Појасот Газа – болницата „Ал Шифа“, пренесоа француските медиуми.

Стотици цивили беа принудени да ја напуштат областа.

Вашингтон ја потврди смртта во операцијата на заменик-шефот на военото крило на „Хамас“ Марван Иса. Тој е највисокиот претставник на палестинското исламистичко движење убиен од израелската армија во Појасот Газа од почетокот на војната пред речиси половина година.

-Елиминиравме повеќе од 20 терористи во болничкиот комплекс и над 20 во областа околу болницата, рече портпаролот на израелската армија, контраадмирал Даниел Хагари. Тој додаде дека се приведени „повеќе од 200 осомничени терористи“.

Министерството за здравство во Појасот Газа извести за „десетици убиени и ранети, од кои повеќето цивили, во операцијата на израелската војска во болницата „Ал Шифа“, но не даде точни бројки.