Македонија
4. January 2025 - 16:48

Ветерот и снегот малку го исчистија воздухот – синоќа Скопје беше најзагаден град во светот

Ветерот, дождот и снегот утринава придонесоа граѓаните во Скопје да дишат малку почист воздух, откако синоќа главниот град беше најзагаден во светот.

Социјалните мрежи беа преплавени од коментари дека дишеме отров, канцерогени супстанци, ни се случува геноцид и слично. Речиси во сите скопски општини штетните Пм честички беа 3 до 5 пати над максимално дозволените 50 мг.

Заменик министерката за животна средина вели дека иако како Влада пред околу 1 месец усвоиле сет на мерки тие нема да имаат ефект ако не се почитуваат и од општините и од граѓаните. Како дел од краткорочните мерки таа ги спомена засилените контроли на индустриските капацитети,станиците за технички прегледи и сообраќајот, а ги повика локалните самоуправи нивните инспектори да ги контролираат и малите и средните фирми.

- Апел да се контролираат и малите и средните фирми кои имаат дозвола со елаборат од министерството зошто и тие според начинот користење на отпадните материјали кои ги користат за греење ја загадуваат животната средина, изјави Ане Лашкоска, заменик министер за животна средина.

Еко активистката Татјана Стојановска од О2 Иницијатива смета дека иако се донесени сет мерки, сепак покрај на начинот на греење и индустријата акцент треба да се стави и на урбанизмот.

- Односно на оние згради и високи објекти,бидејќи сите мерки нема да имаат влијание ако не се намали опстојувањето на воздухот во главниот град, изјави Татјана Стојановска, еко активист од О2 Иницијатива.

Освен барањето до Владата да се ограничи увозот на возила за кое се уште немаат одговор од О2 најавуваат дека после празниците ќе достават и конкретни барања до советниците во Град Скопје за да жителите во главниот град дишат почист воздух.