Укината пресудата за Беса Транс
Апелациониот суд ја укина пресудата за случајот Беса транс и побара ново судење. Обвинителството не докажало дека автобусот кој изгоре во Бугарија со 45 патници државата ја напуштил вкупно 20 пати без да поседува лиценца. За половина од минувањата, имало докази дека автобусот употребил фалсификувана лиценца, ама за останатите, на повтореното судење ќе треба да се утври како возилото излегувало од државата.
„Судот да утврди како во тие 10 наврати излегувал автобусот без да се приложи лиценца, дали со давање мито или на друг недозволен начин“, објаснуваат од Апелациониот суд.
Од Повисокиот суд велат дека немало сомнеж оти автобусот нема извод од лиценцата за превоз на патници. Анализирајќи ги неговите минувања, апелациониот суд утврдил дека отсуствува точно утврденото време во кое е извршено кривичното дело. Немало доказ ниту за излезот непосредно пред несреќата.
„Последното нелегално излегување со фалсификуван извод од лиценца е на 14 октомври. Системот на царина АНПР констатира дека автобусот на 18 ноември минува на граничниот премин Деве Баир, но не е евидентирано со кои документи излегол од државата“.
Во март годинава беше изречена пресудата за сопственикот и фирмата, и тогаш судот образложи дека автобусот 20 пати со фалсификувана лиценца излегувал од државата. Појаснија дека предметот не се однесува на причините за несреќата, туку начинот на кој автобусот ги минувал државните граници.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар