Македонија
15. April 2025 - 16:30

Трговците ќе мора да ги ажурираат цените на интернет секое утро до 10 часот

Најдоцна до 10 часот наутро, секој работен ден, трговците се должни да ги ажурираат цените на производите. Ако ненамерно згрешат, имаат рок од 24 часа да ја поправат грешката. Ова стои во правилникот потпишан од министерот за економија, а кој појаснува како треба да се објавуваат цените на интернет. На веб страната треба да има посебен дел, ценовник, а пристапот не смее да биде ограничен со регистрација или најава.

Доколку се нуди попуст, мора да биде означена и редовната цена, процентот на намалување, како и времетраењето на акцијата. Сето ова ќе профункционира од петок, а ќе важи за маркетите, аптеките, салоните за бела техника, мебел. Ослободени се само микротрговците и трговците поединци.

Од организацијата на потрошувачи велат мерката е добра за информирање, но нагласуваат дека повозрасните граѓани, социјалните случаи кои немаат паметни телефони, како и жителите во руралните средини, сепак, се во неповолна положба.

„Што со оние луѓе кои живеат во рурални средини коишто немаат ни интернет, меѓутоа немаат ни поголеми маркети, бидејќи од ова се иземени микротрговците коишто имаат до 10 вработени, што значи дека на тој начин ќе бидат обесправени, бидејќи во нивната средина нема голем маркет, туку има помали маркетчиња и немаат обврска да ги истакнуваат цените“ – изјави Татјана Тасевска, Организација на потрошувачи.

Објавувањето цени на социјалните мрежи нема да се смета за исполнување на обврската. Казните за оние кои нема да го почитуваат законот се и до 10 илјади евра.

Во меѓувреме, за две недели отсега истекуваат мерките за замрзнати цени и ограничени маржи. Според ОПМ, добро би било да потраат уште некое време.

„Ќе видиме што ќе се случува сега за велигденските празници, дали ќе има некои покачувања на цените, иако верувам дека таму каде што се замрзнати нема да има можност, меѓутоа другите производи можеби и ќе имаат повисоки цени“ – изјави Татјана Тасевска, Организација на потрошувачи.

Дека инфлацијата е намалена потврди и државна статистика чии податоци покажаа дека трошоците за живот во март споредбено со февруари биле пониски за 1,3%.