Loading Video...
Свет
20. January 2025 - 12:19

Светот во исчекување на инаугурацијата на Трамп

Доналд Трамп денеска ќе стане 47-миот американски претседател. Инаугурацијата е закажана за во 18 часот по македонско време. 

Со 78 години и 7 месеци Трамп ќе биде најстариот инаугуриран Претседател на САД имајќи предвид дека Бајден бил 5 месеци помлад на денот на својата инаугурација. 

Инаугурацијата обично се одржува на отворено на западната страна на зградата на Капитол, меѓутоа Вашингтон е на патот на акртички бран кој ги спушти температурите на 12 степени под нулата поради што инаугурацијата на Доналд Трамп ќе се одржи во зградата на Капитол. За обезбедување на церемонијата ангажирани се околу 25.000 луѓе. 

Според програмата, по полагањето заклетва, Трамп ќе ги потпише првите одлуки. Тој веќе најави дека тоа ќе бидат рекорден број на потпишани закони. 

Меѓу нив клучни ќе бидат промените во политиката кон мигрантите. Трамп најавува прилично остра мигрантска политика а на вчерашниот митинг рече дека денеска ќе запре инвазијата врз Америка.

Промени се очекуваат и во односот на САД кон војната во Украина како и кон политиките кои третираат родово сензитивни прашања. 

Трамп за прв пат во историјата на инаугурацијата кани странски лидери. Меѓу поканетите на главната церемонија и серијата настани кои следат по неа се Премиерите на Италија и Унгарија, Претседателите на Кина, Аргентина, Грузија, Парагвај и Еквадор, додека на листата не се најдоа имиња како она на германскиот канцелар Шолц, францускиот Претседател Макрон и претседателката на Европската Комисија Фон дер Лајен.

Премиерот Мицкоски е единствениот политичар од Балканот кој доби покана за инаугурацијата и тој со македонска делегација од вчера е во Вашингтон. 

На настанот се очекуваат меѓу 300 и 500 илјади луѓе. На инаугурацијата најавен и е настапот на поп ѕвездата Кери Андервуд кој ќе ја испее Прекрасната Америка.