Стојаноска: Чернодрински ќе се одржи во Прилеп по секоја цена, нема да го земе ниту еден друг град
На Прилеп никој нема да му го земе Војдан, па макар и немале сала. Ова е ставот на уметничката директорка на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ Ана Стојаноска. Проблемот е што надлежниот инспектор од Дирекцијата за заштита и спасување, донесе решение за затворање објектот на стариот театара, големата сала во Центарот за култура „Марко Цепенков“, како и киното Мис Стон поради голем број пропусти. Стојаноска се надева дека сепак Министерството за култура ќе опстои на ветувањето дека ќе се оспособат салите во Прилеп.
„Ја знаете и мојата идеја дека сакам Прилеп да биде град театар, така што истражувам алтернативни сцени во Прилеп, ова мора да го нагласам цело време во Прилеп, во Прилеп, затоа што слушам разни гласини во однос на тоа каде ќе се случува Фетсивалот. Фестивалот ќе се случува и ќе се одржи во Прилеп. Се надевам онаму каде што сме научени да биде секоја година, да се средат работите со Центарот за култура, односно да се задоволат сите законски норми и барања од страна на инспекторатот затоа што пред се и мене како човек и како Фестивал ни е важна безбедноста и на организаторите и на актерите и на публиката“, изјави Ана Стојаноска, уметничка директорка на МТФ „Војдан Чернодрински“.
Стојаноска потенцира дека Прилеп отсекогаш бил уметнички град и горд на своето културно наследство и таков и ќе остане во иднина. Годинава мотото на Фестивалот ќе биде „Смеј се и осмели се“.
„Затоа што треба да бидеме храбри и да се водиме од својата креативна енергија. Бидејќи не знам поинаку да реагирам освен на креатиевен начин смисливме оваа година Прилеп да одговори на многу креативен налин, така што наместо програмата „Автор во фокус“ каде што беше застапен еден автор претходните години, оваа година имаме „Прилеп во фокус“, тоа ексклузивно го објавувам за вас. Тоа ќе бидат тројца автори и театарски уметници од Прилеп кои оставиле длабока трага во македонскиот театар: Благоја Ристески – Платнар, Благоја Спиркоски – Џумерко и Кирил Ристоски“, додаде Стојаноска.
Ова е 59 издание на Фестивалот, а в година ќе се одржи 60-то, јубилејно издание на најзначајниот Македонски театарски фестивал. Годинава се планира тој да се одржи од 6 до 13 јуни, но ако има одредени проблеми, можно било и тој датум да се пролонгира.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар