Со владиниот авион ќе бидат евакуирани македонците кои се наоѓаат во Израел
Ескалацијата на нападите меѓу Израел и Иран го вклучи алармот за итна евакуација, стравот се шири со секој нов удар, а неизвесноста ги притиска и македонците кои се заглавени среде воениот конфликт на израелска територија.
Во македонската амбасада во Тел Авив, веќе 22 лица побарале помош. Сите државјани на Македонија и членови на нивните семејства, побарале асистенција да го напуштат Израел и да се вратат во земјава. Но со оглед на тоа што е затворен воздушниот простор, а опциите за патување се ограничени, од македонското МНР ги договараат деталите за да се пронајде безбеден начин за евакуација. Според извори од МНР за евакуација планирано е да биде искористен владиниот авион, а во тек е обезбедување на докумантацијата.
Во тек се активности за нивна скорешна евакуација и трансфер до безбедна локација, од каде што дополнително ќе се организира нивно враќање во земјава. Напоменуваме дека дипломатско-конзуларното претставништво во тел Авив е во постојана комуникација со нашите државјани, а МНР активно работи на обезбедување на сите неопходни услови за нивно безбедно враќање, соопштија од ресорното министерство.
Во обид да одговорат на сериозноста на ситуацијата, од Министерството за надворешни работи веќе формираа кризен штаб, кој од час во час ја следи влошената безбедносна состојба на Блискиот Исток. Велат дека се во постојана комуникација на терен и дека се на располагање 24 часа за сите македонски граѓани што се наоѓаат во ризичните подрачја. Апелираат секој што живее или случајно се затекнал во Израел или Иран и има потреба од конзуларна помош, веднаш да стапи во контакт преку дежурните СОС броеви.
+972 54 500 8566
+972 54 967 0546 и на адресата telaviv@mfa.gov.mk
Може да се обратат и во македонската амбасада во Тел Авив и на броевите и меилот на министерството за надворешни работи во Македонија.
+389 75 273 732
+389 75 268 736 и на адресата globalsos@mfa.gov.mk.
Од МНР апелираат македонските државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион поради големиот ризик. Нападите меѓу Израел и Иран кулминираа на 13 јуни, кога израелската страна изврши воздушен удар врз ирански нуклеарни и ракетни постројки, таргетирајќи и високи воени фигури. Ситуацијата останува тензична, а колку македонски државјани се моментално присутни на територија на Израел или Иран, засега останува непознато.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар