Процесот на рехабилитација на повредените во пожарот во Кочани е долг, скап и макотрпен
Штипјанецот Александар Авукатов, еден од повредените во дискотеката „Пулс“, по лекувањето во Пловдив, оди на терапија во штипска физикална, а на контрола во Општа болница Кочани. Во моментот се чувствува добро, но за целосно да закрепне потребно е да помине подолг временски период.
- Психички добро се чувствувам, уште малку и мислам дека и физички подобро ќе биде, само споро оди закрепнувањето. Имаме инструкции како да се грижеме за себе, како да се заштитиме од сонцето, физички да закрепнеме подобро, кондиционо и така, изјави Алкесандар Авукатов, повреден во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани
Се уште се чека да пристигне компресираната облека, а во меѓувреме носат импровизирана со цел да се заштитат местата со повреди.
- Ова сега што е на мене е импровизација, што ни ја препорачаа од болницата во Пловдив. Очекуваме да стигне и да добиеме инструкции како да ја користиме. Се надеваме дека ќе биде подобро, додаде Авукатов
Во однос на условите во болниците во Штип и Кочани, повредените сметаат дека треба да се подобрат, но од друга страна се задоволни од медицинскиот персонал кој вложув напори пацинетите да добијат подобра здравствена нега.
- Има кадар што сака да работи и да помогне, само условите да се подобрат и организационо да се подобри структурата на функционирање. Знаеме дека има помалку кадар и поголем терет за тие што работат, меѓутоа потребна е поддршка за да можат да функционираат како што треба, изјави Авукатов
Повредените имаат потреба од финансиски средства, зашто периодот на рехабилитација е долг, скап и макотрпен.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар