Македонија
5. August 2025 - 16:33

Ристески: Сушата ќе го намали родот на тутунот за над 30%, ќе има само околу 18 милиони килограми

Поради екстремно сушното време се очекува намалување на количините на тутун за оваа реколта за околу 30% па можеби дури и до 40% од очекуваните околу 24 милиони килограми. Според Сојузот на тутунарски здруженија иако годинава за разлика од лани имало  зголемување и на засадените хектари од 13.700 на 14.300 хектари, како и на склучените договори од 27.000 на 33.000 договори, сепак сушата си ги направила своето.

„Поради сушата нема да се повтори ланската реколта, бидејќи крајот на мај и почеток на јуни имавме дождови, а годинава тоа го нема. Така што ќе нема ни касна берба на тутун. Тоа ми дава за право да кажам дека ќе имаме само околу 18 до максимум 19 милиони килограми на тутун“, изјави Кире Ристески, претседател на Сојуз на тутунски здруженија.

Јусуф Ибраими, тутунар од долненско село Житоше, вели дека ова особено ќе се почувствува во Долненоско каде нема хидросистем и се е оставено на природата и на тоа дали ќе падне дожд.

„Ова реколта имам посадено околу 20 декари тутун, очекувавме некаде околу 4 тони на тутун, но поради големата суша стегната е почвата, и тоа ќе биде помалку очекувањата, значи би имале само некаде 2.5 до максимум 3 тони на тутун. И со последниот дожд некои очекуваат дека ќе има зголемување, но почвата е сува и нема тоа многу да смени“, рече Јусуф Ибраими, тутунар од долненско село Житоше.

Колку ќе бидат крајните количини на тутун ќе се знае во периодот кој следува. Инаку годинава тутунарите бараа 510 денари за прва класа, а од откупувачите добија само 420 денари. Дали ќе има зголемување со анекси на договорите ќе се знае до крајот на годината.