Прилеп конечно доби комплетно нова детска градинка, втора по големина во Македонија
Прилеп конечно после повеќе од 30 години доби комплетно нова детска градинка, втора по големина во Македонија, изградена во еден од најсовремените објекти кај нас од ваков тип. Градинката започна да се гради во 2021, а истата ја следеа повеќе скандали. Објектот е целосно исплатен од општински пари и чини 133 милиони денари, плус 2 нови договори за надворешно и хортикултутно уредување. Градоначалникот Јовчески истакна дека градинката ја начекал во состојба на карабина, без за неа да биде платен ниту денар.
„Најодговорно ќе кажам дека ја затекнавме градинката без платени ниту денар за ниту една ситуација. Значи во целост изградбата на градинката е од буџетот на Општина Прилеп, 133 милиони денари чини оваа градинка, на сопствен грб нашата општина и нашите граѓани ја исплатија оваа установа. А што се однесува до месеците за каснење тоа се однесуваше на низата забелешки кои беа пропусти уште од самото проектирање па до крајот на изведбата“, исткна Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.
„Министертвото за социјална политика, демографија и мпади учествуваше во набавката на опрема со сума од 9 милиони денари“, додаде Ѓоко Велковски, заменик министерот за Социјална политика, демографија и млади.
Градинката има капацитет од 218 деца, но во моментов ќе се згрижат 140 деца. Во градинката се вработени нови 25 лица.
„Ќе згрижиме за почеток околу 140 деца и ќе ја намалиме листата на чекање, но после летните одмори планираме овој објект да работи со полн капацитет“, кажа Христина Трпческа, директорка на градинки „Наша иднина“ во Прилеп.
Во Прилеп има околу 300 деца на чекање во градинките, а од утре тој број сега ќе биде преполовен.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар