Loading Video...
Свет
31. October 2025 - 12:13

Преглед на вестите од светот

Германскиот канцелар Фридрих Мерц на заедничка прес-конференција со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека Германија ја поддржува европската перспектива на Турција, но само ако Анкара ги исполни Копенхашките критериуми – владеење на правото, човекови права и функционална пазарна економија. Ердоган одговори дека Турција е демократска држава која се простира и во Европа и во Азија и нема проблем со стандардите.

На средбата двајцата лидери останаа поделени во ставовите за конфликтот во Газа. Мерц истакна дека Израел има право на самоодбрана по терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври 2023 година, во кој загинаа над 1.000 лица. Ердоган му одговори дека не може да се согласи со оваа позиција и оцени дека „во рацете на Хамас нема бомби, но Израел има сè“.

Над 24.000 тони хуманитарна помош од ОН се доставени во Појасот Газа од почетокот на прекинот на огнот, соопшти претставник на Светската организација, повикувајќи невладините организации да добијат дозвола да работат во палестинската енклава.

И покрај тоа што обемот на помошта е значително зголемен од стапувањето во сила на прекинот на огнот на 10 октомври, хуманитарните организации сè уште се соочуваат со недостиг на средства и проблеми со координацијата со Израел, посочуваат ОН. Од ОН го повикаа Израел да им дозволи на невладините организации да учествуваат во дистрибуцијата на помошта во Појасот Газа.

Палестинската исламистичка група Хамас предала на Црвениот крст ковчези со телата на уште двајца израелски заложници во Појасот Газа, соопшти израелската армија. Црвениот крст потоа ги пренел ковчезите на израелската армија, а и од кабинетот на израелскиот премиер потврдија дека Израел примил уште две тела на заложници. Досега Хамас врати 15 од вкупно 28 тела на заложници кои, според Израел, сè уште се во Газа.

Со уште 30 пријавени смртни случаи во Хаити и еден во Доминиканската Република, вкупниот број на жртви низ Карибите се искачи на најмалку 50 и се очекува да се зголеми понатаму како последица од Ураганот Мелиса.

Над 70% од потрошувачите на електрична енергија во Јамајка останаа без струја, а далноводите беа пресечени. Многу училишта останаа без струја и вода, соопштија официјални лица во главниот град Кингстон.